Има една стара поговорка којашто гласи вака: Судбината ги влече оние што се противат, а ги води оние што сакаат.
Сте го виделе ли некогаш низ историјата македонскиот народ, онака во галоп, а пред него судбината негова, како го води низ неброени премрежиња и го води неуморно, визионерски, му го осветлува патот до целта….? Тешко.
Но сте виделе сигурно една мала желка, желче, во голема лабораторија, и меѓународната заедница на животни, го испитува, го сецира, вади, става, проверува, анектира, сече, пресекува, пресадува…
И таа каша попара од небулозни алхемиски утки има тенденција да се прокламира како цивилизација.
Па разни институти за социолошко политички истражувања, па анкети, па хуманитарни, па невладини,, а всушност, сè е само неуспешен обид. За имплантација на бубрези од кокошка на местото од срцето, со оглед на тоа дека се работи за желка. Некомпатибилно. Не само бубрег – срце, туку и кокошка – желка. И потоа забегување во многу поразлични насоки од претходно, поголем избор, повеќе можности. На крај, Хаг!
А селото Гари? А селото Цакони?
Заедно со двата национални парка, можеме без пардон да си ја прогласиме земјава за холокауст. Господ е сведок. А крајот, каде ни е, всушност?
Изгледа пак ни се спрема некој мини геноцид, прво со локална анестезија од Запад, а после и со целосна, во обид да се спаси експериментот. После џабе и Прличев, и 1762, „собрал патрик свое стадо, Црква Свјатиклиментова, џабе свести се неспиј ти“, џабе Самоил. Карпош, Мариово, едноставно НЕ ИМ Е ГАЈЛЕ.
На нашиот крст не може да застане никој освен ние. Затоа е наш.
Подобро беше за време турско, и Црквата беше жива, и народот обединет. Тоа е предноста на надворешниот непријател, што внатрешно те интегрира, не и` дава на дремката да ти стане начин на постоење. А штом помислиш дека си се ослободил од нешто, всушност си влегол во уште поопасна замка. А зошто? Затоа што приказната е бескрајна.
Дозволено ви е сè, освен да поверувате во безизлез.
Значи, купуваме ИЗЛЕЗ. УВОЗЕН.
Повеќето мислат дека сме барале влез, или приклучок.
Има предлог, да оди македонска делегација да штрајкува со глад пред Триумфална капија во Париз. А може и пред Ајфелова кула, уште нема дефинирано место и време.
Тука искрснува проблем со начинот на организирањето. Народот треба да има ВОЖД, некој да оди прв, како персонификација на тоа судбината од поговорката. Додуша, ги имало одвреме–навреме, но биле во прав момент егзекутирани, точно секогаш во моментот пред потпишувањето на судбоносниот договор, што ќе нè вброеше правовремено во семејството на народите, на рамна нога, на иста гранка, оти што ќе ни е отпосле, надвор од трендот. Интересни се на пример Ганди или Нелсон Мендела. Зборуваме за цивилизациски текови, археолошки ископувања, неверојатни откритија, вулкани, подземни градови, помошни излези за бекство, историја.
Тогаш во што е смислата на жртвувањето?
Од аспект на Христијанство имаме многу прецизен одговор: ако жртвата се принесува пред нацијата или државата, тоа не е во духот на христијанството, туку е ИДОЛОПОКЛОНСТВО.
Значи, во сите овие ситуации низ коишто поминуваме последниве десетина години не беше спорно каде е границата меѓу Црква и држава, политика и Црква и т.н., туку колку сè што сме правеле било упатено кон вистинската цел, било во сферата на политиката, економијата или во живото на Црквата. Во праксата ИДОЛ може да биде ситнопартиска цел или дневнополитички интерес на некоја засегната страна, личен егоизам и слично. Тоа обично поминува и незабележано додека се случува, но по извесно време се урива како куќа, што не била градена на цврсти темели, како во приказната со волкот и трите прасиња.
БАРАЈТЕ ГО НАЈНАПРЕД ЦАРСТВОТО НЕБЕСНО, А СЕ` ДРУГО ЌЕ ВИ СЕ ПРИДАДЕ…
Како народ со долговековна христијанска традиција и култура, поминуваме низ тежок период на општо преиспитување на сите вредности, криза. А кога градиме еден систем на вредности, битен е критериумот според кој го градиме системот. Колку тој критериум ни е Христос?
Дури и да сме дваесет милиони, а не два, Господ го гледа срцето на секој човек посебно. Не постои нешто како колективно срце, иако во ЛИТУРГИЈАТА се случува мистично соединување на ВЕРУЈУШТИОТ народ во Тело Христово, а тоа и е Црквата, собор, заедница, единство, ЕДНО.
Можеби ќе зазвучи малку необично, но се чини дека повеќето од овие народи со кои ние низ вековите сме имале допир, а се со инаква религиозна подлога, дека се повеќе христијански воспитани од нас кои се именуваме христијани, во смисла на нивната интерна култура и етика, внатрешно единство, соработка, помош, доверба, меѓусебна љубов, на пример, Албанците, или Турците. Нивната главна ерес, пак, се состои во забегувањето на план на надворешна политика, па така за да му останат доследни на Мухамед, во историските средби со нас го остварувале она „кога ќе ве убиваат ќе мислат дека на Бога му принесуваат жртва“, како и што стои во Евангелието.
Иако крајниот исход од сè, сепак нема во целост да го видиме овде на земјата.
Но, ако сè си има добри и лоши страни, списокот на нашите негативности изгледа дека е далеку поголем од кој било на нашите ближни, па и подалечни. Оти кој повеќе знае, има поголема љубов и поголема одговорност. НАШИОТ Бог ни ја даде заповедта ДА ГИ ЉУБИМЕ НЕПРИЈАТЕЛИТЕ! Тешко дека некаде на планетава ќе најдете нешто повозвишено и истовремено потешко за спроведување во пракса.
Историски гледано, како мала етничка заедница, често сме биле ставани во ситуација да не го препознаеме непријателот. Тоа може да значи или дека имаме премногу љубов, што не е сосема невозможно, или дека сме во тотален аут, па ништо воопшто не мора ништо да значи. Што е на некој начин отфрлање на одговорноста.
Во секој случај, имаме поволна прилика наместо БЈРМ, следниот пат да се видиме во КАТАКОМБНА република (истата).
И каде да го бараме одговорот за тоа каква е ситуацијата во Христијанството, во смисла на поделеност (католици, православни, протестанти, православни старокалендарци, новокалендарци и др.), нединствен организација и слично? Можеби во зборовите: „Потребно е да има раздори меѓу вас…“ (1 Кор. 11, 19). Поделеноста внатре христијанството денес, сведочи за вистинитоста на овие зборови, така што во суштина ништо од сè ова што сега се случува и не треба да нè чуди.
Нашата вера се состои во тоа што и покрај таа разединетост, остануваат зборовите на свети Дионисиј Ареопагит според кои: „Единството Божјо, пред сè, означува совршена простота и неделивост на Божественото битие. Бога го нарекуваме Еден, бидејќи во Својата неделива простота пребива над секоја множина, иако и е создател на мноштвото. Он не е само над множината, туку е и над еднината, и воопшто над секое броење. И воедно, Он е и почеток и причинител и мерка на секое броење.“
Пренесено
ДРУГА ВИЗУРА
Од сестра Макрина
последни коментари